Народна банка на Македонија останува на проекцијата дека македонската економија годинава ќе порасне за 3,7 отсто, но ја намали прогнозата за раст за следната година на 4,1 отсто, од претходно очекуваните 4,4 проценти. Инфлацијата годинава ќе заврши со стапка нула, а во 2015 и 2016 ќе се продлабочи дефицитот во платниот биланс. Централната банка ги задржува оценките за силен државен инвестициски стимул, позитивни ефекти од постојните и од новите капацитети на странските директни вложувања, закрепнувањето на пазарот на трудот, како и солидна кредитна поддршка, која недостасуваше минатата година. Растот ќе биде воден од домашната побарувачка - од инвестициите и личната потрошувачка, како и од растот на извозниот потенцијал, изјави на вчерашната прес-конференција гувернерот Димитар Богов.
Народна банка на Македонија останува на проекцијата дека македонската економија годинава ќе порасне за 3,7 отсто, но ја намали прогнозата за раст за следната година на 4,1 отсто, од претходно очекуваните 4,4 проценти. Инфлацијата годинава ќе заврши со стапка нула, а во 2015 и 2016 ќе се продлабочи дефицитот во платниот биланс.
Централната банка ги задржува оценките за силен државен инвестициски стимул, позитивни ефекти од постојните и од новите капацитети на странските директни вложувања, закрепнувањето на пазарот на трудот, како и солидна кредитна поддршка, која недостасуваше минатата година.
„Растот ќе биде воден од домашната побарувачка - од инвестициите и личната потрошувачка, како и од растот на извозниот потенцијал“, изјави на вчерашната прес-конференција гувернерот Димитар Богов.
Главна причина, пак, за малата надолна корекција на стапката на раст за следната година во споредба со априлските проекции, како што рече Богов, се неповолните надворешни влијанија врз македонската економија, односно пониските очекувања за странската побарувачка за македонските производи. Главните надолни ризици се побавното економско заздравување на еврозоната, каде што се наоѓаат нашите главни трговски партнери.
„Постои голема поврзаност на нашата со европската економија, со оглед што таму оди 70 отсто од нашиот извоз“, вели првиот човек на централната банка. За 2016 година, пак, се очекува стапка на раст од 4,5 отсто.
НБМ очекува умерен раст на јавната потрошувачка во периодот 2014 до 2016 година, во согласност со најавената фискална стратегија. Главна причина за пониската стапка на инфлација, пак, која годинава ќе биде на нула стапка, а в година 1 отсто, се падот на светските цени на храната, енергијата и металите, што влијае врз домашните цени.
Во следните години ќе се зголемува дефицитот во тековната сметка на платниот биланс, и тоа од 2,7 отсто годинава, па 3,9 отсто в година и ќе се искачи на 5 отсто во 2016. Тоа, според гувернерот, ќе биде максималното ниво, по што се очекува подобрување. Ова зголемување, пак, ќе биде предизвикано од поголемиот увоз од капацитетите на инвестициите, но и заради намалувањето на учеството на приватните трансфери, главно парите од иселениците во БДП.
„Капиталните приливи се доволни за финансирање на тековните трансакции и раст на девизните резерви. Показателите за адекватност на девизните резерви остануваат во безбедна зона“, рече Богов, додавајќи дека тие в година поради отплатата на долгот кон странство ќе се намалат, но во 2016 ќе дојде до нивно зголемување.
Следната година, како што велат од НБМ, земјава има за плаќање обврски кон странство од околу 360 милиони евра, главнина заедно со камати, каде влегува еврообврзницата од 150 милиони евра, како и ратите кон ММФ од 110 милиони.